Тимот на организацијата „Синото срце на Европа“ и локалните партнери од Дебар и Река, заедно со кајакари Европа, предводени од поранешниот словенечки олимписки спортист Рок Розман, во рамките на активноста заштита на убавите Балкански реки, во средата и четвртокот пловеа по реките Радика и Мала Река под слоганот “Да ги зачуваме балканските реки – Стоп за напливот на хидроцентрали!”.
Преку оваа турнеја кајакарите сакаат да се подигне свеста за убавината на реките и заканите со кои тие се соочуваат. Розман изјави дека неоходна е заштита на најубавите реки на Балканот меѓу кои е и Радика.
И покрај тоа што Националниот парк Маврово е еден од најстарите национални паркови во Европа и значајна точка на висока биолошка разновидност, неговите кристално чисти реки се мета за изградба на 19 нови хидроелектрани, вклучувајќи ги и двете големи “Бошков Мост” и “Луково Поле”. Целокупното влијание на проектите заедно со потребната инфраструктура го доведува во прашање статусот на национален парк и заштитата на веќе загрозените видови.
„Турнејата по Балканските Реки е заедничка активност на EuroNatur, Riverwatch, Leeway Collective и WWF во рамки на кампањата “Да го зачуваме синото срце на Европа”, поддржана од Фронт 21/42, Еко-свест и МЕД со локалните партнери Центарот за одржлив развој на заедницата – Дебар и Дешат, а целта е да се заштитат реките Радика во Македонија, Вјоса во Албанија и Тара во Црна Гора“ , изјави Гоце Лубиновски претставник на дебарските граѓански организации.
Од 2013 година, плановите за спроведување на хидроенергетски проекти во Маврово се предмет на жалба пред Постојаниот Комитет на Бернската Конвенција.
“На 35 состанок во декември, 2015 година, во Стразбур, Комитетот усвои препорака за суспендирање на сите хидроенергетски проекти на територија на Националниот Парк „Маврово“. Оваа препорака беше поддржана од независните експерти ангажирани од страна на Комитетот, чиј главен заклучок е дека спроведување на планираните хидроенергетски проекти во паркот не е компатибилно со статусот на заштита на паркот, неговите високи еко-системски вредности и видови, така што плановите за имплементација на проектите треба да бидат напуштени“, објасни Александра Бујароска од Фронт 21/42.
Следејќи ја препораката на Бернската Конвенција, Светска Банка се откажа од планот за финансирање на проектот Луково Поле. Сепак, препораката од страна на Постојаниот Комитет на Бернската Конвенција не беше доволно јасна за Европската банка за обнова и развој и проектот Бошков Мост е сѐ уште во тек, велат од организацијата. Независни експерти за Бернската конвенција сметаат дека планот за проектот Бошков мост, мора да биде напуштен сѐ додека статусот на зачувување на популацијата на Балканскиот рис се врати на безбедно ниво и Националниот парк „Маврово“ веќе не е единственото познато јадро за репродукција на овој вид.
„Комитетот испрати недвосмислена порака до Македонската Влада и сите кои се вклучени во овој проект дека заштитените подрачја се заштитени со причина. Европската банка за обнова и развој согласно оваа препорака треба да го откаже финансирање на проектот. Дополнително, спроведувањето на малите хидроенергетски проекти на територија на паркот продолжи и покрај препораката за суспендирање од Бернската Конвенција. Со ова Владата на Македонија директно ја прекршува Бернската Конвенција.”, изјави Весна Илиевска Утевска од Еко-свест.
Тереза Шилер од Фондацијата EuroNatur ги повика сите финансиери да се повлечат од хидро-енергетските проектите во паркот.
„Од Владата на Република Македонија, се очекува спроведување на препораката од Бернската конвенција. Изградба на хидроенергетски проекти во рамките на Националниот парк Маврово е во потполна спротивност со целите на заштита на паркот”, изјави Шилер.
Тимот на „Синото срце на Европа“ и локалното население најавија дека ќе продолжат во борбата за зачувување на Маврово.